Зголемениот број на инвеститори предизвика недостиг од работници во Словенија, па во некои сектори се нудат парични награди на тие што ќе донесат нова работна сила.
Економијата во Словенија расте, а се темели, пред се на извозот, кој сочинува 80 проценти од бруто домашниот производ.
Недостигот на кадри за заварување, прозиводителот на издувни системи од Черномељ го реши со стимулирање на вработените. Оној кој ќе препорача или ќе доведе нов работник добива 250 евра стимулација.
Во последните четири години износот на странски инвестиции во Словенија е поголем за 4,5 милијарди евра. А тоа се чувствува посебно во помалите, неразвиени средини, наведуваат економските портали.
Во близина на Марибор се гради фабрика на најголемиот производител на автоделови Магна, а во Кочевје и Логатица инвеститори од Јапонија отвораат производство на роботи и медицинска опрема. Тоа е приближно 1.000 нови работни места во Словенија која има само пет отсто невработеност.
Владата на Словенија го прифати барањето на левицата минималната плата да биде зголемена на 640 евра. До 2021 година таа ќе изнесува околу 730 евра.
Синдикалците ја поздравуваат оваа одлука, а словенечките работодавци се плашат дека тоа ќе ја намали конкурентноста, па бараат помали даноци.
Ако инвеститорите продолжат да вложуваат во Словенија, ќе порасне и животниот стандард, а тоа ќе го почувствуваат и работниците од соседните земји, кои доаѓаат да работат во Словенија.