–  Стопанската анархија на сегашното капиталистичко општество, според мое мислење, претставува вистински извор на зло. Приватниот  капитал секогаш тежнее да се сконцентрира во малку раце, а последица на тоа се народни претставници кои фактички не ги штитат во доволна мера непривелигираните делови на општеството. Освен тоа, во постоечките услови, капиталистите директно или индиректно ги контролираат главните извори на информации, печатот, радиото, образованието. Многу тешко, всушност, во поголем број случаи, скоро невозможно е граѓанинот да дојде до објективни заклучоци и да ги користи разумно своите политички права, – пишува Ајнштајн во текстот објавен пред повеќе од  седумдесет години век во американското либерално списание „Њујоркер“.

Пишува: Блаже Миневски

Зошто капитализмот е „извор на зло“, и зошто Ајнштајн бил за социјализам? Во својот текст под наслов „Зошто сум за социјализам?“, објавен пред повеќе од седумдесет години, Ајнштајн се прашува дали е препорачливо за човек кој не е стручњак за економски и општествени прашања да го изнесе своето мислење за социјализмот? И веднаш самиот одговара: „Од повеќе причина верувам дека е препорачливо!“ Потоа, во продолжение, детално го објаснува својот став, тврдејќи дека „стопанската анархија на капитализмот е голем  извор на зло“:

Заробеници на сопствената себичност“

„Поголемиот број големи држави во историјата настанале со освојување. Освојувачките народи се зацврстиле правно и економски како привелигирана класа во освоените земји. Тие приграбиле монопол на сопственост над земјите и незначиле свештенство од своите редови… Неодамна разговарав со еден интелигентен човек за опасноста од евентуалена војна, која, според мое мислење, сериозно би го загрозило опстанокот на човештвото. Напомнав дека единствено некаква меѓународна организација би била во состојба да пружи  заштита од една таква опасност. На тоа мојот гостин многу мирно и ладно ми рече:„Зошто сте вие така сериозно против исчезнување на човечкиот род?“ Сигурен сум дека пред еден век никој така лесно не би дал изјава од сличен карактер. Тоа е изјава на човек кој залудно се трудел да стекне рамнотежа во себе, и, повеќе или помалку, изгубил надеж за успех. Тоа е израз на мачна самотија и осаменост, од која денес боледуваат многу луѓе. Што е причина за тоа? Има ли излез?“

Според Ајнштајн, лесно е да се постават такви прашања но тешко е да се одговори на нив со доволно сигурност:

„Сепак, ќе се обидам да го направам тоа на најдобар начин, иако во голема мера сум свесен на фактите дека нашите  чувства и напори често се противречни и нејасни, и тие не можат да бидат  изразени со лесни и прости формули. Ако се запрашаме како би  можела да се промени општествената структура и културните навики на луѓето за човечкиот живот да биде што е можно подобар, мораме да бидеме постојано свесни на фактите дека постојат извесни услови кои не можат да се променат. На пример, биолошката природа на луѓето од практични причини не е подложна на промени. Понатаму, технолошкиот и демографскиот развој ги создадоа условите во кои денес живееме. Имено, во услови  на релативно густо население, и со ресурси што се неопходни за продолжување на неговата егзистенција,  завршната поделба на трудот и високоцентрализираните продуктивни апарати се апсолутно неопходни. Човештвото денес претставува планетарна заедница на прозводство и потрошувачка. Притоа, сите човечки суштества, каква и да е нивната положба во општеството, се несвесни заробеници на сопствената себичност, па затоа се чувствуваат несигурни, осамени и лишени од  обичниот, прост и несофистициран начин на уживање во животот. Човекот може да најде смисла  во животот, краток и опасен каков што е, само ако се посвети на општеството“, подвлекува Ајнштајн.

“Стопанската анархија на сегашното капиталистичко општество, според мое мислење, претставува вистински извор на зло. Ние гледаме огромна заедница на  производители чии членови непрестано се трудат да се лишат межусебно од плодовите на нивната колективна работа. Приватниот  капитал секогаш тежнее да се сконцентрира во малку раце, делумно поради конкуренција меѓу капиталистите а делумно поради технолошкиот развој и зголемената  поделба на  трудот, која  одговара на создавање поголеми производни единици на сметка на малите. Како разултат на  ваквиот развој се јавува олигархија на приватниот капитал со огромна моќ која не може да биде вистински скротена дури и од демократски организирано политичко општество. Факт е дека членовите на законодавните тела ги бираат полтичките партии, кои во голема мера ги финансираат приватни капиталисти, или барем на друг начин вршат на нив влијание, со што практично ги одвојуваат бирачите од законодавната власт. Последица на тоа се народни претставници, кои, фактички, не ги штитат во доволна мера непривелигираните делови на општеството. Освен тоа, во постоечките услови,  приватните капиталисти директно или индиректно ги контролираат главните извори на информации, печатот, радиото, образованието. Многу тешко, всушност, во најголем број случаи, речиси невозможно е граѓанинот да дојде до објективни заклучоци и разумно да ги користи своите политички права“, пишува Алберт Ајнштајн во триесеттите години на минатиот век во „Нујоркер“

Според него постои само еден начин да се отстрани капитализмот како „големо зло“, а тоа е „воспоставување на социјалистичко стопанство, со истовремено воведување на таков систем на воспитување што би бил ориентиран кон општествените цели“:

„Во таквото стопанство средствата за производство би припаѓале на целото општество и би биле користени плански. Во планското стопанство, кое ги прилагодува потребите на заедницата, би се вршела распределба на трудот меѓу сите што можат да работат за да се обезбеди живот на секој човек, жена и дете.Сепак,  потребно е да се потсети дека планското стопанство уште не значи социјализам. Планското стопанство може да биде следено со потполно поробување на поединцот. Затоа изградбата на социјализмот бара решение на некои многу тешки општествено-политички проблеми. Меѓудругото, дали и како е можно, во услови на потполната централизација на полтичката и економска моќ, да се спречи бирократијата да не постане семоќна и самобедисана? Како може да бидат заштитени правата на поединецот и, во врска со тоа, како може да биде обезбедена демократска рамнотежа со моќта на бирократијата“, го завршува Ајнштајн својот текст „Зошто сум за социјализам?“, објавен во тиражното, либерално американско списание „Њујоркер“. А само дваесетина години пред тоа, во 1915 година, триесет и шестгодиишниот научник, ја објавил својата теорија за релативноста и направил револуција во физиката со своите откритија за врската помеѓу просторот и времето. Значи, истиот простор во кој ги сместува и своите размислувања за „капитализот како зло“ и „социјализмот како решение со кое би се вршела распределба на трудот меѓу сите што можат да работат за да се обезбедат пристоен живот на секој човек, жена и дете во светот“.

Гравитацијата како закривеност на просторот и времето!

Нобеловецот Алберт Ајнштајн е роден во Улм, Германија, во 1879 година  а починал во Принстон, САД, во 1955 година. Станува збор за една од најзначајните ако не е најзначајна научна личност на нашето доба, а  неговото дело има влијание безмалку во секоја област на денешната физика. Меѓудругото тој е автор на теоријата на релативноста. Всушност Ајнштајн  создал две теории за релативноста: специјална теорија на релативноста во 1905 година, и, десет години подоцна, во 1915 година, генерална теорија на релативноста. Размислувајќи за тоа што ќе се случи ако брзината меѓу двајцата набљудувачи не е константна стигнал до своето најголемо откритие, генералната теорија на релативноста, објавена пред точно сто години. Теоријата ја редефинира гравитацијата како закривеност на просторот и времето. Самиот Ајнштајн подоцна се жалел дека својата теорија требало да ја нарече „непроменлива теорија“ наместо „теорија на релативиноста“, алудирајќи на непроменливоста на физичките закони при изведување на принципот на релативноста.