Вложивме многу време и напори да воспоставиме прагматичен дијалог на сите нивоа меѓу Бугарија и Македонија и да постигнеме договори што ќе бидат прифатени во иднина од следната политичка Влада во Софија и ќе послужат како основа за продолжување на преговарачкиот процес со Скопје и кон остварување на заедничката цел – РС Македонија да започне преговори за членство во Европската Унија, вели бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софиски „24 часа“.

– Во текот на последните два месеци инвестиравме сериозно време и напори за да го водиме овој процес во позитивна и конструктивна насока, нагласува Стоев.

Според него, целта била да се фокусираат на прагматичниот пристап кон дијалогот, а не на емоциите, за да се изнајдат „можни работни формули“ што би овозможиле почеток на преговори на земјава за членство во ЕУ, па во таа насока биле и сите разговори водени на највисоко, но и на ниво на работни групи помеѓу двете групи министерва за надворешни работи.

– Наспроти ова, за жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и РС Македонија. Резолуцијата на Собранието на РС Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис, оценува Стоев.

Тој нагласува дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, без да се поставуваат нови пречки за отворен и искрен дијалог.

– Секој чекор назад не само што ги омаловажува напорите направени и го доведува во прашање она што е постигнато досега, туку и го попречува воспоставувањето атмосфера на доверба и отворена комуникација, смета шефот на бугарската дипломатија.

Тој нагласува дека Бугарија внимателно ќе ја аналиизра усвоената Резолуција со цел да утврадат дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и нејзиниот потенцијално влијание на сегашниот дијалог.

– Едно нешто дефинитивно треба да биде јасно – за Бугарија е неприфатливо со вакви постапки да се мотивира или оправдува неисполнувањето на билатералниот договор, смета Стоев.

Тој потенцира дека актуелните проблеми меѓу Бугарија и Македонија треба да се решат на билатерална основа, преку директни и отворени преговори, нагласувајќи дека смета оти не е неопходена „интервенција“ на останатите земји членки на ЕУ во тој процес.

– Бугарија е конструктивен партнер и не сака да внесе нерешени билатерални прашања во ЕУ. Ова не е во интерес ни на самата Унија. Треба да се сфати дека темата е исклучително важна за нашата земја и за тоа постои национален консензус. Се потпираме на солидарноста на нашите европски партнери, што е основниот принцип во Унијата, кога една земја кандидат треба да започне преговори, порачува Стоев.

Тој признава дека преговарачкиот процес не е лесен, бидејќи станува збор за темите кои се чувствителни и за Бугарија и за Македонија, но како што нагласува работа на дипломатите е да промовирааат зближување и да најдат можно решение во интерес на двете земји.

– Важно е да продолжи дијалогот што го интензивиравме во последните месеци, но од суштинско значење, во однос на довербата, е РС Македонија да ги спроведе договорите постигнати со добра волја. Бидејќи целта ни е заедничка – РС Македонија да започне преговори за членство во Европската Унија. Ова би било можно доколку се надминат искушенијата за политизација на прашањата и политичките лидери во Скопје преземат одговорност за своите граѓани и нивната иднина, додава Стоев.

Тој во интервјуто се осврнува и на како што вели „проблемите што граѓаните со бугарска самосвест ги доживуваат во РС Македонија“, посочувајќи дека „во многу случаи, тие стануваат жртви на нееднаков третман само заради изразување на бугарската самосвест“.

– Токму кон овие граѓани се користи јазикот на омраза. Ова е неприфатливо. Во овој контекст, гарантирањето на уставните права на граѓаните со бугарска самосвест, заедно со сите останати граѓани на РС Македонија, без дискриминација, ќе реши голем број проблеми, заклучува бугарскиот министер за надворешни работи во интервјуто за „24 часа“.