Молчевте за несреќите во нашата куќа, нашата држава затоа што на партијата за која работевте, СДСМ, не и требаа протести за изгорените во модуларната болница во Тетово и автобусот, а сега ќе ја оправате демократијата во Србија, вели во објавата на Фејсбук вицепремиерот и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), Иван Стоилковиќ.
– Кога некој организира протест, а не знае дали протестите се граѓански или студентски, јасно е за што станува збор. Мошне тешко е да не се забележи дека несреќните настани од Нови Сад каде животот го изгубија 15 граѓани, имаат мобилизационен потенцијал и синхрона ускладеност со налозите на одредени регионални и западни центри на моќ. Оваа невидена хистеричност од соопштението со повик за солидарност е дамка за секој добронамерен човек во Македонија. Се чини дека сите оние кои во ова гледаат некаква врста на алтруизам и искрена човечка сочувствителност, политичкото резонирање не им е појаката страна на интелектуалниот капацитет, вели Стоилковиќ.
За страдањето на нашите граѓани, додава тој натаму во објавата, немаа дури ни соопштение, а камоли организирање на протест за живите запалени во модуларната болница или автобусот во кој гореа живи луѓе, а еве сега Србија ќе ја оправаат.
– Додека кај нас не се поведе никаква сериозна постапка, во Србија се уапсени петнаесетина одговорни за несреќата во Нови Сад и се подигаат обвиненија. Молчевте за несреќите во нашата куќа, нашата држава затоа што на партијата за која работевте, СДСМ, не и требаа протести. Кога веќе молчевте за запалените луѓе во сопствената држава го изгубивте правото и кредибилитетот да се мешате во политиката на нашиот најдобар сосед, по мислењето на огромното мнозинство македонски граѓани, пишува тој.
Впрочем, продолжува Стоилковиќ, еве еден мисловен експеримент.
– Ако сето ова се одиграше на некое друго место, дали ќе ги видевме истите идентични реакции не само кај нас, туку и во регионот. Во Чешка, сега скоро, имаше грозоморни убиства, никој не реагираше на сличен начин, а истото скоро се случи и во Хрватска, само со помалку жртви, никаква реакција, да не потсетуваме кај нас на палењето на живи луѓе во модуларната болница и другите непријатни настани. За секој кој има коефициент на интелегенција поголем од собната температура, одговорот на овие прашања е толку јасен и очигледен да не треба ни да се напише, се вели во соопштението на ДПСМ, што Стоилковиќ го објавува на својот профил на Фејсбук.