Зад мене е центарот за полнење на администрација, за вработување на мајка, синови, ќерки, татковци, стрини, вујни, чичковци, по принципот „партизација на администрација од хигиеничар до министер“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција оддржана пред седиштето на СДСМ.

– Услов е кандидатот да биде член или да биде поврзан со што повисок функционер во партијата. Костадин Костадинов е поранешен советник, па в.д. градоначалник на Струмица, сега пратеник и партиски портпарол на СДСМ кој вели немало непотизам. Особено не за вработувањето на мајката си во Централниот регистар во Струмица. Без паника и страв, а во име на транспарентноста и отчетноста, и во име на штитењето на јавниот интерес, Костадинов, а и СДСМ, треба да одговорат дали за вработувањето на овој свеж, мотивиран кадар без врски во Струмица, како предност и висококвалификувано искуство е земено туркањето на семејни фирми во стечај, рече Стоилковски.

Тој натаму додаде:

– Зошто од регистарот во 2013 година е избришана фирмата ФАНИ ЕКСТРА ДООЕЛ Увоз Извоз Струмица, регистрирана за трговија со пијалаци? Зошто е поведена стечајна постапка преку УЈП за фирмата ФАНИ ЛОГИСТИК ДОО, за трговија со пијалаци на големо, а субјектот е се уште во постапка за бришење? Зошто е поведена стечајна постапка и бришењето на ДЕЛИКАТЕС ФАНИ ДООЕЛ Струмица, уште една семејна компанија на Костадинови? Зошто е поведена стечајна постапка и е избришана од трговскиот регистар ИНТЕР МЕТАЛ МЕТН ДООЕЛ Струмица, уште една од низата семејни компании на Костадинови, чиј што сопственик и управител најчесто е Фанија Костадинова, мајка на партискиот портпарол, поранешен в.д. градоначалник на Струмица, поранешен советник во општината, а сега пратеник во Собранието на РМ и портпарол на СДСМ, праша портпаролот на најголемата опозициска партија.

Стечајна постапка, додаде тој, се поведува како последица на ненамирување на обврските кон добавувачите,  значи долгови кои не можат да се сервисираат.

– Ваква низа на фирми во стечај и избришани од Регистарот во едно потесно семејство, отвора сомнежи и остава место за прашање дали имало можност за намерно туркање во стечај и со тоа остварување на лична добивка? Вработување на млад човек во Струмица со завршено средно образование ќе значи многу повеќе за некое семејство, отколку вработувањето на мајката на пратеник и партиски функционер! Oсобено ако примениот зад себе има неколку компании во стечај. Веруваме во фер шанса за вработување за секого, но непотизмот во ваква најсурова смисла е врв на лицемерието на оваа власт која што не само што лажно се колне во европски вредности, туку е и бесрамна во случаи кога е фатена во лага, рече Стоиловски.