Денеска ќе претставиме уште еден сокриен семеен бизнис со адреса на избран и именуван владин функционер, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
-На денешната прес конференција го честитаме најновиот бизнис на директорот на БЈБ Сашо Тасевски, на чијашто адреса од неодамна има регистрирано компанија поврзана за информатичка технологија и компјутери. Очигледно човекот има многу време, па покрај директорувањето со полицијата, со најважниот инструмент за спречување на криминалот и корупцијата, сега семејно ќе водат и бизнис. На 12 октомври лани, 2022 година на домашна адреса на Сашо Тасевски е регистрирано Друштво за трговија, услуги и производство СМАРТИОТ ДООЕЛ со ограничена одговорност на едно лице, сопственик и управител, синот на Сашо Тасевски. Почитувани Сашо Тасевски е должен да одговори, со што тоа семејно се занимаваат на домашна адреса, со што тргуваат, какви услуги се нудат и што произведуваат?- праша Стоилковски.
Колкав бизнис, додаде тој, е во прашање и кои се клиентите до сега?
-Дали и колку позицијата директор на БЈБ добро влијае при склопување на зделки на фирмата на неговата домашна адреса? За блискоста на семејството Тасевски и до сега имало случаи и скандали за кои што на прашањата на прес конференциите останаа неодговорени, од тоа дали Тасевски семејно присуствувале на пукањето од автоматска пушка, до тоа дали Сашо Тасевски го сокрил синот во случајот напад врз полицаец во градски парк? Не веруваме дека Сашо Тасевски ќе го остави синот да не успее како бизнисмен и дека нема да му помогне во развојот на фирмата на домашна адреса. И како последно прашање за Тасевски денеска е, зошто за основањето на фирмата на домашна адреса не ја известил ДКСК? Тоа му е должност и обврска, а треба да е и пример за другите, особено по аферата “Тајни имоти” за неговите сопартијци! Сашо Тасевски е директно одговорен за спречување на криминалот и корупцијата на терен, но фактите покажуваат дека веројатно повеќе се посветувал на развојот на приватниот бизнис на домашна адреса, истакна Стоилковски.
Едно е јасно, дека невозможно е Македонија да направи било каков исчекор со овие луѓе, со ДУИ и СДС, и решението се избори што поскоро! Додаде Стоилковски.