Владата денеска мора да објасни зошто се обврзала на пенали од 53 милиони евра за овој месец и вкупно 196 милиони евра за пенали само по основ промена на законот и воведување 60 часа работна недела. Владата денеска мора да објави кога и кој ден ќе ги исплати 53 милиони евра дополнителни пенали или трошоци, затоа што не го исполни условот, промена на законот за 60 часа работна недела? Владата да го објасни напишаното на страницата 427 од договорот потпишан на 8 март тоа е оваа страница што веќе излезе во медиумите, порачува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Во продолжение интегрално текстот од прес-конференцијата:

Па, да одговорат, или да ја покажат соодветната страница од Договорот, дали доколку тоа не е исполнето во рок 45 дена од потпишувањето (на 8 март) односно последната дата:

1. Рокот за завршување на проектот и секоја фаза поединечно ќе биде продолжен за најмалку 6 месеци;

2. А) Дополнителни 53 милиони евра, еднократно да се додадат на месечната транша, и тоа во рок од 14 дена од последната дата односно 45 дена од потпишувањето.

Б) Дополнителни 1 милион 265 илјади да се плаќаат секој месец до крај на проектот, како Индиректни трошоци, кои инаку се договорени на под 3 милиони; и

В) Дополнителни 900.000 евра да плаќаат секој месец додека не се исполни условот, односно не се смени законот за 60 часа работна недела.

Владата мора денеска да излезе во јавност и да каже, дали наведеното стои во договорот. Дали ова го пишува на страницата 427 од договорот?

83,5 милиони евра треба да се платат повеќе, за 5 години и најмалку 6 месеци одложување на проектот.

Со еднократната од 53 милиони сега, цената вкупна расте за 136,5 милиони евра.

На тоа ако не се смени законот за 60 часа неделна работа, уште 59.4 милиони евра, значи вкупно најмалку 196 милиони евра дополнително ќе треба да се платат во следните 5 години само и само по прифаќањето на еден услов – 60 часа работна недела!

Почитувани, за ова Артан Груби и неговиот аѓутант, Димитар Ковачевски мора да сносат одговорност.

Ова е класична злоупотреба на функција и наштетување на буџет.

Ова дело не застарува, а миленикот на ДУИ нема вечно да е Јавен обвинител за организиран криминал!