Злоупотребата на цитостатици и терапија на клиниката за Онкологија е мега криминал со смртни последици, злосторничко здружување за кражба на лекови од пациенти со канцер за продажба на црно. И тоа е невозможно без политичка поддршка и обезбедена неказнивост. Клиниката за Онкологија е единствена во светот што поседува КАТО систем за контрола на терапиите, а што 6 години не го користи, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Системот за контрола за дозирање на лековите е исклучен во 2017 година, со доаѓањето на СДС и поставувањето директор на клиниката од Арбен Таравари, тогаш нов министер за здравство. И сега кога грозоморниот скандал изби во јавноста, актуелниот министер, пулен на Таравари, повторно нема одговор зошто КАТО системот е исклучен од употреба, што доведува до логичен заклучок дека тоа е сторено за да може непречено да се спроведува криминалот со смртни последици! И наместо оставка своја и на сета влада, министер за здравство во владата на Димитар Ковачевски во обид да демантира вели “системот не е фрлен во подрум, туку заклучен во соба”. Морбидно, нечовечно, дно за медицинскиот систем, но врв на владеењето на СДС за опстојување на власт, рече тој.
Потенцира дека злосторничко здружување се уште опстојува и владее со клиниката за онкологија, и по две години откако укажувавме на криминал и откако медиумите пренесуваа сознанија.
-Односот кон здравството е слика за односот на власта кон народот. Сите до еден чекори во здравството во овие 7 години се политички и сите до еден се лукративно мотивирани, пред се за СДС да остане на власт! Креирање на толкав систем за крадење на цитостатици и наместо лекови пациенти да добиваат вода, сето семејство на директор да е на листа за цитостатици, починати пациенти се уште да бидат на листа за лечење, фатена медицинска сестра со украдени цитостатици па вратена на работа, медиуми за сето ова да пишуваат, опозицијата две години да алармира, државната ревизија да пишува извештаи, и по сето тоа до сега да нема никаков резултат- тоа значи политичка заштита за актерите и веројатно ветена неказнивост.Внимавајте, на Универзитетска клиника! Отворено посочуваме дека се сомневаме на веројатност за политичко влијание овој процес, па и тој како и многу други претходно, да не добие вистинска завршница, се додека оваа влада, коалицијата на криминалот, СДС, ДУИ, и сателитите, се на власт. Оставките се прв чекор кој што би гарантирал истрага и соодветна постапка без да се влијае врз неа од позиција на моќ и власт. Ова е преголем криминал за покривање и дефокусирање. Овде се работи за човечки животи, човечки судбини, се работи за злосторство со смртни последици, вели Стоилковски.