Утрово изби пожар во околината на поранешниот индустриски објект „Македонија Табак“ во Тетово. Пожарникарските екипи се на терен и го гаснат огнот.

– Во моментов гори фабрика за гипс, картони и други материјали. Пожарот е активен и не е локализиран. Сè уште чекаме информации за предизвиканото загадување бидејќи здравјето на граѓаните во околината е најважно. Првичните информации велат дека нема ослободување на отровни гасови. Побаравме и извештај од стручни лица за квалитетот на воздухот, изјави од местото на настанот Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи.

Според изјавата на Ангелов пожарот многу брзо се проширил, па на барање на пожарникарите, од МВР испратиле хеликоптер.

– Имаше поплаки дека хеликоптерот доцна пристигнал и дека не бил користен за гасењето. Хеликоптерот не испушташе вода врз објектот бидејќи пожарот е внатре и водата не би можела да продре преку покривот и плочата под него. Поради тоа хеликоптерот се користи за да се пресече линијата на ширење на пожарот надвор од објектот. Во близина на пожарот, на неколку стотина метри има боци со плин и затоа ни беше важно да биде прекината линијата на ширење на огнот кон нив. Тоа што се наоѓа во објектот ќе изгори и не можеме да го спасиме, па затоа целта ни е да спречиме понатамошно ширење, изјави Стојанче Ангелов од местото на настанот.

На новинарско прашање дали реакцијата на пожарникарите била навремена, Стојанче Ангелов одговори дека ова е максимумот што противпожарните екипи го можат и дека при секој пожар, дали урбан или шумски, најголемата одговорност ја има градоначалникот.

– Сличен ваков пожар гледав во Америка и таму пожарникарите беа побавни од нас. Ваквите пожари се шират бргу и тешко се гаснат поради материјалите кои согоруваат. Ова е максимумот што може да се направи, одговори Стојанче Ангелов.

Директорот на ЦУК извести дека во пожарот засега нема повредени. Има само неколку хоспитализирани пожарникари кои вдишиле чад при гаснењето на пламенот.

(М.П.)