Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Бојан Стојаноски, објави анализа за движењето на просечната старосна пензија во првите две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и во првите две години од владите предводени од СДСМ во коалиција со ДУИ.

Според податоците што ги објави Стојаноски, просечната старосна пензија во периодот од јуни 2017 до јули 2019 година, за време на владите предводени од СДСМ и ДУИ, пораснала од 15.273 на 15.813 денари, односно за 540 денари.

За споредба, во периодот од јули 2024 до мај 2026 година, просечната старосна пензија, според неговата анализа, пораснала од 22.858 на 29.663 денари, што претставува зголемување од 6.805 денари.

„6.805 ÷ 540 = 12,6 пати поголем раст на просечната старосна пензија“, наведува Стојаноски во објавата.

Тој посочува дека за приближно ист временски период, разликата во растот на просечната старосна пензија е значителна – 6.805 денари наспроти 540 денари.

„Тоа е разликата што ја покажуваат бројките“, напиша пратеникот.

Стојаноски најави дека во следната анализа ќе направи споредба на растот на пензиите во периодот од седум години владеење на СДСМ и ДУИ со првите две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.