Кога излегуваа автобусите на ЈСП на линиите излегоа и автобусите за пред Влада и еве ги сè уште се таму. Тие автобуси се еден притисок на градот Скопје и ЈСП кон Владата на Република Македонија за оној наводен долг што нема да го коментираме дали постои или не, рече претставникот на синдикатот во ЈСП во гостувањето на ТВ 24

Откако советниците во Град Скопје едногласно изгласаа прераспределба на пари од градскиот буџет кои ќе се искористат за платите на вработените во ЈСП, автобусите околу 13 часот се вклучиле на редовните градски и приградски линии. Тие што се пред Влада, пак, ги користи Градот Скопје за притисок врз централната власт за наводниот долг што таа го има кон ЈСП.

Ова вечерва на телевизија 24 го изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски при ЈСП.

Неговото појаснување следува откако и покрај тоа што на улиците можеше да се забележи дека автобусите сообраќаат, булеварот пред Владата беше блокиран со паркирани двокатни автобуси.

„Автобусите после одлуката на Советот на град Скопје се вратија веднаш на градските и приградските линии и договорено е како ќе тече понатаму финансиската инекција кон ЈСП. Во меѓувреме, кога излегуваа автобусите на ЈСП на линиите излегоа и автобусите за пред Влада и еве ги сè уште се таму. Значи, како што напоменав, тие автобуси се еден притисок на градот Скопје и ЈСП кон Владата на Република Македонија за оној наводен долг што нема да го коментираме дали постои или не“, рече Стојановски на ТВ 24.