Со 300.000 денари Министерството за култура ќе го финансира концертот на Цветанка Ласкова годинава, организиран по повод 50 години од нејзината музичка кариера. Зад оваа одлука стои Комисијата за музичко-сценска дејност со која претседаваше професорот од ФМУ, Александар Трајковски. Министерката за култура, на денешниот брифинг демантира дека за оваа одлука пресудила партиската припадност на Ласкова како член на владеачката СДСМ.

Секој квалитетен проект за кој што комисијата ќе одлучи дека е квалитетен треба да се подржи. И никогаш да не се гледа на индивидуалноста, на партиската припадност, како што сум сигурна дека комисиите за овој повик не го правеа, рече минситерката Бисера Костадиноска – Стојчевска.

Истата комисија за концерт на Петар Грашо во Битола доделила 180.000 денари, а на домашниот „Оф фест“ му одобрила 1 милион и 20 илјади денари, што е за половина помалку од лани. Организаторите на фестивалот најавија дека со тие пари се принудени да го откажат годинашното издание. А, министерката кажа да размислат дали ќе се откажат од парите и дека историјата се повторува како во 2019 година.