Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на почетокот од денешната прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврди дека Украина ќе стане членка на Алијансата.

– Се договоривме за пакет од три дела што ја приближува Украина до НАТО. Повеќекратна програма за практична помош, формирање на нов совет што ќе ги поврзе НАТО и Украина, како и потврда дека Украина ќе стане членка на НАТО, но и укинување на условот за членство, односно Акцискиот план за членство, посочи Столтенберг.

Тој повтори дека Алијансата ќе упати покана за НАТО „кога сојузниците ќе се договорат, кога ќе се исполнат условите“.

– Кога војната ќе заврши, мораме да се погрижиме да има веродостојни аранжмани за безбедноста на Украина за да не се повтори историјата, рече Столтенберг.

Зеленски го започна своето обраќање тврдејќи дека во моментов има недостиг на безбедност во Украина.

– Му благодарам на НАТО за трите пакети за поддршка. Разговарав за тоа што друго може да се направи за да му се помогне на украинскиот народ. Имаме позитивни вести за новиот пакет за поддршка на одбраната кои доаѓаат од нашите партнери, посочи Зеленски.

Тој додаде дека „оптималниот“ резултат од Самитот ќе биде Украина да добие директна покана за членство во Алијансата.