Да, Украина треба да има повеќе тешко оружје, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција во Хаг.
Tој одржа состанок со лидерите на седум европски сојузници на НАТО пред самитот на Алијансата кон крајот на јуни во Мадрид, каде што исто така рече дека руските сили напредуваат на истокот на земјата.
– НАТО веќе ги засилува испораките и официјални лица ќе се состанат денеска во Брисел за да ја координираат понатамошната поддршка, вклучително и тешкото вооружување, рече Столтенберг.
Тој додаде дека НАТО мора да покаже уште поголема подготвеност и да ги зајакне вооружените капацитети долж својата источна граница. Одговарајќи на апелот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за дополнително оружје со долг дострел, Столтенберг рече дека се согласува Киев да добие повеќе тешко оружје, но не наведе детали.
– Украина треба да има повеќе тешко вооружување, а сојузниците и партнерите на НАТО обезбедија тешко оружје, рече Столтенберг.