Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторник ќе допатува во дводневна посета на Скопје во рамки на неговата неколкудневна турнеја низ земјите во Западниот Балкан, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти денеска НАТО, Столтенберг по пристигнувањето во Скопје ќе се сретне со шефот на државата Стево Пендаровски и со собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.
Во среда претпладне предвидено е Столтенберг да им билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што тие ќе се сретнат со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот – хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Словенија, Роберт Голоб и на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Западнобалканската турнеја Столтенберг ќе ја започне в недела попладне со посета на Сараево, каде ќе има работна вечера со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.
В понеделник претпладне генералниот секретар на НАТО ќе се сретне со високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит и со претседавачката со босанскохерцеговскиот Совет на министри Борјана Кришто. Столтенберг во седиштето на НАТО во Сараево ќе има средби и со воените лидери и со претставници на меѓународната заедница во земјата.
Од Сараево, првиот човек на Алијансата в понеделник попладне ќе отпатува за Приштина на средби со косовската претседателка Вјоса Османи-Сандриу и со премиерот Албин Курти. Тој ќе ја посети и Командата на силите на НАТО во Косово, каде што ќе се сретне со командантот на КФОР, генерал-мајорот Озкан Улуташ и со директорот на Советодавниот тим за врски на Алијансата, бригадниот генерал Кристијан Лудевиг фон Хамерштајн, а ќе има и обраќање пред војниците ангажирани во мисијата.
Во вторник претпладне Столтенберг ќе престојува во Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, а ќе разговара и со српски научници кои ќе му ја претстават технологијата што ја развиле во контекст на научните проекти на НАТО за мир и безбедност.
Попладнето генералниот секретар на НАТО од Белград ќе допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан.