Мораме да разбереме дека оваа војна ја започна Путин, тоа беше негов избор, а ако сака, може да го заврши утре, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за турската агенција Анадолија.
Тој изјави дека Русија треба да разбере дека нема да има победник во нуклеарна војна и дека Украина има право да се брани.
– Им се заблагодарив на претседателот Ердоган и на Турција за нивните напори и во обезбедувањето поддршка на Украина и во олеснувањето на договорот за извоз на жито од Украина. Ова помага да се намалат цените на храната и е важно за целиот свет, особено за посиромашните земји. Турција одигра клучна улога во тоа да се овозможи, рече тој.
На прашање дали има членки во НАТО кои не сакаат да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина, туку да ја пролонгираат за да се исцрпи Русија, Столтенберг одговори:
– Секако дека сите сакаат оваа војна да заврши, но мораме да разбереме што е тоа. Ова е офанзивна војна. Русија, Путин окупира друга земја. Се разбира, Украина има право да се брани за да ги врати териториите што Русија ги окупираше. Мораме да разбереме дека Путин ја започна оваа војна, тоа беше негов избор и тој може да ја заврши оваа војна утре ако сака. Во исто време, мора да разбереме дека ќе имаме мир ако Путин и Русија престанат да се борат. Ако Зеленски и Украина престанат да се борат, Украина ќе престане да постои како независна суверена нација. Затоа, имаме одговорност да ја поддржиме Украина, да и овозможиме да се бранат. Се разбира, верувам дека оваа војна во некоја фаза ќе заврши на преговарачката маса, но знаеме и дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса дефинитивно зависи од нејзината сила на бојното поле, рече Столтенберг.
Тој порача дека НАТО е најсилниот сојуз во историјата и претставува 50 отсто од светската воена моќ.