Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика земјите-членки на Алијансата да и достават повеќе оружје на Украина, јави ДПА.

– Ги повикувам сојузниците да направат повеќе. Целосно е во интерес на нашата безбедност да се погрижиме Украина да победи и Путин да не победи, рече Столтенберг во интервју за ДПА.

Според него, веројатно е уште поважно Украина да добие доволно муниција за веќе поставените системи. Тој инсистира дека потребата од муниција и резервни делови е огромна.

– Можеби звучи парадоксално, но воената поддршка за Украина е најбрзиот пат за мир, рече тој.

– Знаеме дека повеќето војни завршуваат на преговарачката маса – и оваа војна веројатно така ќе заврши, но знаеме дека она што Украина може да го постигне во овие преговори е нераскинливо поврзано со воената ситуација, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО јасно стави до знаење дека неодамнешните украински напади врз воени цели во Русија ги смета за целосно легитимни.

– Секоја земја има право да се брани – вклучително и Украина, рече тој, објаснувајќи дека украинските напади мора да се гледаат во контекст. Ова, рече тој, вклучува масовни руски напади врз цивилната инфраструктура, чија цел е да ги остават Украинците без вода, струја и греење во зима.

Запрашан дали мисли дека е добра идеја да се испорачаат ракети со среден дострел во Украина, Столтенберг рече дека „дијалогот меѓу сојузниците и со Украина за конкретни системи“ продолжува.

Тој посочи дека земјите од НАТО веќе и доставиле на Украина системи за оружје со долг дострел, како што се ракетни фрлачи Химарс и артилерија со долг дострел. Се испорачуваат и дронови и оклопни возила, рече Столтенберг.