На самитот во Вилнус во јули оваа година, членките на НАТО планираат да разговараат за активностите на Русија и Кина во Африка, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
– Ние, исто така, треба да се бориме против постојаната закана од тероризам и нестабилност на југот. Гледаме дестабилизирачки акции на Русија во Африка и како Русија и Кина се инфилтрираат во регионот. Самитот ќе им даде можност на членките на Алијансата да разговараат за овие прашања, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со португалскиот премиер Антонио Кошта.
Тој нагласи дека „мора да направиме повеќе за да изградиме одбранбени капацитети со клучните партнери на југот, како што се Тунис, Мавританија и Јордан“.
Генералниот секретар на Алијансата повтори дека „НАТО ќе биде покрај Украина онолку долго колку што е потребно“, и нагласи дека е уверен оти „украинските сили ги имаат потребните капацитети за повторно да ја заземат окупираната земја“.
Тој потсети дека поддршката на сојузниците на НАТО еволуираше низ различните фази на конфликтот и ги поздрави неодамнешните најави на сојузниците за обезбедување крстосувачки ракети и обука на украински пилоти да користат западни борбени авиони.
Пред самитот на НАТО во Вилнус, Столтенберг рече дека сојузниците ќе „испратат силен сигнал за поддршка на Украина“ преку стратешка повеќегодишна програма за помош која ќе и овозможи на Украина да премине од советската ера на доктрина, опрема и обука на НАТО и да постигне интероперабилност со Алијансата.
Тој, исто така, ја поздрави поддршката што Португалија и ја пружи на Украина, вклучително и испораката на тенкови Леопард 2 и придонесот преку сеопфатниот пакет помош на НАТО.
Столтенберг се сретна и со португалскиот министер за надворешни работи Жоао Кравињо и со министерката за одбрана Хелена Кареирас и разговараа за подготовките за самитот на НАТО во Вилнус во јули.
Следниот самит на НАТО ќе се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус.