НАТО е подготвено со години да ја поддржува Украина во нејзината војна против Русија и да ѝ помогне да се префрли од советско на модерно западно оружје и системи, кажа генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Тој се огласи откако Кремљ предупреди дека западната воена поддршка за Украина, вклучувајќи тешко оружје, претставува закана за безбедноста на Европа и провоцира нестабилност.
– Мора да бидеме подготвени на долги патеки. Апсолутно постои можност дека оваа војна ќе трае со месеци и години, изјави Столтенберг.
Тој додаде дека западот ќе продолжи да врши максимален притисок врз Владимир Путин да стави крај на инвазијата.
– Сојузниците од НАТО се подготвени да обезбедуваат поддршка за Украина долго време и исто така да ѝ помогнат да ја замени старата, советска воена опрема со модерни оружја и системи, кои бараат и повеќе тренинг, кажа тој.
Најголем дел од тешкото оружје што членките на НАТО го испраќаат во Украина е од советско производство, но тие почнаа да ја снабдуваат и со западни „хаубици“.
Украина почна засилено да бара тешко оружје од западот откако Русија ја префрли својата офанзива во Донбас, каде што теренот е поотворен и порамен и повеќе одговара за тенковски борби отколку областите околу Киев и на северот.