НАТО мора да се подготви за долга конфронтација со Русија, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин не покажува желба за мир една година по инвазијата на Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Мораме да бидеме подготвени на долг рок, тоа би можело да потрае многу, многу години“, изјави Столтенберг.
Тој додаде дека Путин „сака поинаква Европа, Европа во која ќе може да ги контролира своите соседи, каде што ќе може да одлучи што можат да прават земјите“.
Столтенберг рече дека 30-те земји членки на НАТО се порешителни Украина на крајот да победи.
„Тука сме за да обезбедиме Украина да победи во оваа војна и да и обезбедиме оружје, муниција и поддршка што и се потребни“, рече генералниот секретар на НАТО.
„Ако претседателот Путин победи во Украина, тоа ќе биде трагедија за Украинците. Но, исто така ќе биде опасно за сите нас, бидејќи тој и другите авторитарни лидери ќе бидат убедени дека можат да ги постигнат своите цели кога ќе употребат воена сила“, додаде Јенс Столтенберг.