НАТО ќе биде со Украина „колку што е потребно“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг на денешната прес-конференција во Брисел.
Тој нагласи дека НАТО „не е страна во конфликтот“, но дека поддршката на Алијансата „игра клучна улога“ во помагањето на Украина да се одбрани и да ја ослободи својата територија, во услови на „страшни и неселективни напади од Русија врз цивили и критична инфраструктура“, објавено е на веб-страницата НАТО.
Тој ги поздрави „неодамнешните најави на сојузниците за обезбедување понапредни системи за противвоздушна одбрана и други капацитети“ и рече дека „се радува на понатамошни испораки на оружје“.
– Столтенберг в четврток ќе претседава на состанокот на Групата за нуклеарно планирање, на кој ќе се разговара за опасната нуклеарна реторика на Русија и улогата на нуклеарните капацитети на НАТО во зачувувањето на мирот и одвраќањето на агресијата, се вели во соопштението.
Како што најави Столтенберг, ќе разговараат за мисиите и операциите на НАТО од Косово до Ирак.
– Ни претстои тешка зима. Затоа е уште поважно Северна Америка и Европа да продолжат да стојат обединети во поддршката на Украина и одбраната на нашиот народ, заклучи Столтенберг.
Следната недела НАТО ќе ја одржи долго планираната вежба за одвраќање Steadfast Noon, која Столтенберг ја опишува како „рутинска обука, која се случува секоја година за да го направи нашето одвраќање безбедно, сигурно и ефективно“.