Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Русија е под голем притисок во Украина откако Москва нареди повлекување на војниците од јужниот град Херсон.
Говорејќи по средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони, Столтенберг рече дека НАТО во наредните денови ќе набљудува дали Русите навистина се повлекле од западниот брег на реката Дњепар.
„Она што е јасно е дека Русија е под голем притисок и ако го напуштат Херсон, тоа ќе биде уште една победа за Украина“, изјави Столтенберг по средбата со новата премиерка Мелони.
Тој додаде дека НАТО ќе ја поддржува Украина „се додека е потребно“.
„Поддршката дадена од сојузниците на НАТО, вклучително и Италија, носи промени на бојното поле секој ден и останува клучна за напредокот на Украина“, рече Столтенберг.
Мелони, која ја презеде функцијата премиер на Италија минатиот месец, рече дека нејзината влада останува посветена на одбраната на „територијалниот интегритет, суверенитет и слободата на Украина“.