Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го информираше Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина дека воената алијанса развива сет мерки специјално прилагодени за Босна и Херцеговина.
„Руската агресија врз Украина суштински ја поткопа европската безбедност. Затоа НАТО е подготвен да продолжи да ги поддржува партнерите кои можат да бидат изложени на малигно влијание и притисок, со цел да ја зајакне нивната отпорност. Како што знаете, НАТО развива збир на мерки специјално наменети за Босна и Херцеговина, во согласност со вашите потреби“, наведува Столтенберг во писмото до министерката за надворешни работи Бисера Турковиќ.
Тој посочи дека НАТО силно го поддржува евроатлантскиот пат на Босна и Херцеговина.
„Алијансата ќе продолжи да соработува со вашата земја и со другите меѓународни партнери за да се зачува стабилноста и да се промовираат реформите во Босна и Херцеговина“, нагласува тој во писмото.
Генералниот секретар на НАТО испрати одговор до министерот за надворешни работи на БиХ на нејзиното претходно писмо испратено до седиштето на Северноатлантската алијанса, во кое таа наведува дека „Босна и Херцеговина се соочува со бројни предизвици, а во светло на актуелните настани во Европа и регионот“.
Столтенберг, исто така, посочи дека стабилноста на Западен Балкан е „долгорочна стратешка цел на Алијансата на која таа останува посветена до крај“.
Генералниот секретар на НАТО изрази загриженост, како што наведе, за сепаратистичката реторика и активностите кои се закануваат да го поткопаат успехот на Дејтонскиот мировен договор.