Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа во Вашингтон ги критикуваше земјите што сакаат да ја зајакнат европската одбрана и нагласи дека воспоставувањето конкурентни структури за НАТО може да доведе до слабеење и поделба на Северноатлантската алијанса.
Во време кога се одржуваше состанокот на Европската унија во Словенија, на конференција на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, Столтенберг беше прашан за последиците за трансатлантските односи од договорот АУКУС меѓу САД, Австралија и Велика Британија.
– Разбирам дека Франција е разочарана бидејќи Канбера го раскина мега договорот за купување француски подморници. Во исто време, сојузниците се согласуваат за нашата главна цел-мора да останеме обединети, нагласи Столтенберг, јави Хина.
Столтенберг додаде дека не верува во напорите да се создаде нешто надвор од рамките на НАТО, што ќе се натпреварува со Алијансата или ќе ја замени.
Во пораката до 27-те шефови на држави или влади собрани на Брдо кај Крањ, Столтенберг нагласи дека 80 проценти од трошоците за одбрана на НАТО се обезбедени од земји што не се членки на ЕУ.
– Тоа се секако САД, но и други сојузници. Но, географијата е исто така важна, Турција на југ, Норвешка и Исланд на север и САД, Канада и Велика Британија на запад. Ако ја погледнете мапата, тие се важни за заштита на цела Европа, истакна тој.