Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека проширувањето на НАТО кон земјите од Западен Балкан ќе ја зајакне Алијансата, ќе помогне за стабилизација на регионот и ќе ги зајакне балканските држави кои ќе и се придружат на Северноатлантската алијанса.
Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, на кој првпат ќе учествува претставник од Македонија, како идна членка на НАТО, потсети на воените конфликти и злосторства што во 90-тите години од минатиот век се случуваа на територијата на Западен Балкан.
– НАТО имаше клучна улога во решавање на тие конфликти, во запирањето на војните и во стабилизацијата. Се уште постојат многу предизвици и проблеми, но е многу охрабрувачки дека имаме членки како што се Хрватска, Албанија, Црна Гора и идната Северна Македонија, посочи Столтенберг.
Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО имаат состанок утре и в четврток во Брисел, а една од темите ќе биде мисијата на КФОР и соработката на НАТО со Косовските безбедносни сили.