Пред денешниот настан на подигнување на знамето на НАТО, на која присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во земјата, воени аташеа, пратеници, претставници на верските и политичките заедници и претставници на граѓански организации, а на која говореше премиерот Зоран Заев, и претходеше билатерална средба на делегација на Владата со делегација на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, предводена од шефот на Канцеларијата Зоран Јанковиќ, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев истакнал дека самостојната и суверена одлука за членството во НАТО е историско постигнување за државата и остварување на желбата и аспирацијата на сите граѓани на нашата татковина, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.

– Тоа е придонес кон мирот и стабилноста на целиот регион, а за државата создава позитивни услови за економски развој, истакнал премиерот Заев, соопшти денеска владината прес-служба.

Тој упатил благодарност до НАТО Алијансата за континуираната поддршка, честите посети и охрабрувања.

Истовремено, Заев изразил подготвеност како земја членка, нашата држава рамноправно да придонесува во обврските кои доаѓаат со членството.

Шефот на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, Јанковиќ изразил задоволство заради зачленувањето на нашата земја во НАТО, додавајќи дека тоа е значајно и за Алијансата, да има уште една земја-членка која ги споделува нејзините вредности, уверувањата и стратешки цели.

Како што се подвлекува во соопштението, соговорниците се согласиеле дека земјава, која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија во изминатиот период покажала дека е посветена и спремна да стане земја членка на НАТО и оти е посветена на реформи во одбраната и во политичкиот систем.

Заеднички било заклучено дека влегувањето во НАТО ќе има позитивни ефекти и за забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.