Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во рамки на посетата на Босна и Херцеговина денеска се сретна со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто (ХДЗ) и министрите, рече дека тема на разговорот била безбедносната состојба во земјата и регионот.

„Загрижени сме поради сецесионистичката поделба и реторика, како и надворешното влијание, особено влијанието на Русија. Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на единство и напредок“, изјави Столтенберг по средбата со Кришто.

Тој рече дека сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.

„Тоа ни е исклучително важно и ние сме посветени на стабилноста и безбедноста во овој регион. НАТО е посветен на долгогодишна стабилност во вашата земја. И затоа ја продлабочуваме нашата соработка и политичкиот дијалог. Седиштето на НАТО во Сараево и дава поддршка на мисијата на Европската унија – Алтеа. НАТО и неговите сојузници остануваат целосно посветени на успехот на таа мисија и го поздравуваме едногласното усвојување на продолжувањето на мисијата од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави првиот човек на НАТО во Сараево.

Тој додаде дека НАТО ги поддржува реформските напори на БиХ, вклучително и пакетот за градење одбранбени способности. Исто така, ги пофали успесите на БиХ постигнати на европскиот пат на земјата.

„Тоа всушност ќе ги зајакне вашите способности како одговор на природни и други катастрофи, кибер одбрана. НАТО останува посветен на поддршката на БиХ на нејзиниот евроатлантски пат. Секоја земја треба да избере свои безбедносни аранжмани без надворешно мешање“, рече Столтенберг.

Фото: МИА архива