Шведскиот и финскиот амбасадор официјално ги доставија своите апликации за членство во НАТО до генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг. Тоа се случи во седиштето на НАТО, а официјалниот одговор се очекува за неколку недели. Правилата за влез на нова членка во блокот бараат едногласна согласност од сите сојузници.
Според дипломатите, во случај на позитивна одлука, постапката за ратификација би можела да потрае околу една година.
– Вие сте нашите најблиски партнери, изјави Столтенберг по добивањето писма од амбасадорите на двете земји со барање за приклучување кон Алијансата.
Прифаќајќи ги апликациите во седиштето на НАТО, Столтенберг истакна дека потегот е „историски чекор“ во „критичен момент“ за европската безбедност.
Шефот на НАТО додаде дека Алијансата ќе ја процени кандидатурата за членство што е можно побрзо, но безбедносните интереси на сите сојузници „мора да се земат предвид“.
Шведска вчера достави официјално барање за влез во НАТО, а пратениците во Финска формално ја одобрија одлуката со големо мнозинство. Повеќето сојузници ја поздравуваат одлуката на двете земји и даваат позитивен сигнал за нивниот глас.
Сепак, Турција засега е со став дека ќе го искомплицира нивното пристапување, нагласувајќи дека не може да им дозволи на овие две држави да станат членки поради нивната наводна неактивност против протераните курдски екстремисти.
Сите 30 актуелни земји на НАТО мора да се согласат да ја отворат вратата за нови членки, а одлуката, според правилата, мора да биде донесена едногласно.
Столтенберг: Почестен сум со пријавите од Стокхолм и Хелсинки во НАТО
Почестен сум што ги добив апликациите на Финска и Шведска за членство во НАТО, напиша генералниот секретар на Алијансата на Твитер.
Финска и Шведска утрово и официјално ги поднесоа нивните кандидатури за членство во Северноатлантската Алијанса преку нивните амбасадори во седиштето на НАТО во Брисел.
Апликациите ги прими генералниот секретар, Јенс Столтенберг, нарекувајќи го овој чин “историски“, тој додаде дека оваа одлука е клучна за безбедноста на Европа.
Финска и Шведска се очекува брзо да го финализираат процесот на зачленување во НАТО бидејќи ги исполнуваат основните критериуми, а се веќе и интероперабилни со системите на Алијансата.
Овие две земји одлучија да аплицираат во НАТО откако се засили воената агресија на Русија врз Украина, тие сметаат дека НАТО им нуди поголема безбедност во непредвидлив период.
До фазата на финализација на нивното членство, Финска и Шведска можат да сметаат на ЕУ за колективна одбрана, доколку дојде до напад од Русија во транзицискиот период. ЕУ располага со член во своите повелби кои ги обврзува другите земји членки на ЕУ да им помогнат на другите во случај на напад, само доколку нападнатата земја тоа го побара.
Со Финска и Шведска бројот на членки на НАТО ќе се искачи на 32.