Во три средни училишта во Кавадарци и Неготино се формираат училишни центри за поддршка, со цел да се стави крај на врсничкото насилство помеѓу младите, што е глобален проблем.
Ова беше истакнато на денешниот настан во Демир Капија, на кој учествуваа средношколци, наставен кадар и претставници на стручни служби од Тиквешијата. На средбата беа донесени пет заклучоци. Присутните се согласија дека превенцијата започнува со препознавање на насилството и токму затоа клучна е едукацијата, да се знае што е физичко, психолошко, социјално, дигитално насилство, како да се препознае и кои се последиците.
Токму поради тоа, беше кажано, гласот на младите мора да се слуша, а тие да бидат дел од превентивните активности во борбата против насилството. Притоа, секој ученик треба да знае каде може да побара помош и како да го направи тоа и да се чувствува сигурен дека има безбедно место каде што може, да зборува за проблемите со кои се соочува тој самиот, или негови врсници.
Патем беше посочено дека такво место од доверба, треба во иднина да бидат токму овие училишни центри за поддршка. Спречувањето на насилството е заедничка одговорност, учениците, наставниците, родителите и стручните служби, секако училишните раководства, мора да соработуваат за навремено реагирање на сите случаи со врвничко насилство, беше еден од заклучоците.
-Секој ученик заслужува да биде безбеден, слушнат и прифатен – беше пораката упатена од настанот, на кој беа презентирани и цртежи на оваа актуелна тема.
Всушност, станува збор за завршна јавна манифестација на проектот „Развивање механизми за спречување на врсничко насилство во средните училишта”, што го реализираше Организацијата на жени „Женско Лоби” – Демир Капија, во партнерство со средните општински училишта ,,Ѓорче Петров” и ,,Киро Спанџов -Брко” од Кавадарци и ,„Свети Кирил и Методиј“ од Неготино, а со финансиска поддршка од Екуменската иницијатива на жени.

-Нашата главна цел беше да придонесеме кон создавање побезбедна училишна средина, во која младите ќе знаат да го препознаат врсничкото насилство, ќе бидат охрабрени да реагираат и ќе имаат можност да побараат навремена помош и поддршка.Во изминатите месеци реализиравме низа активности, дводневен едукативен камп за млади, врснички работилници, едукација за наставници и родители, информативна и дигитална кампања, како и изработка на едукативни материјали и видеопораки против насилството. Особено значаен резултат од проектот е отварање на можноста за воспоставување на училишни центри за поддршка во партнерските училишта, преку кои сакаме да создадеме услови учениците полесно и со поголема доверба да побараат помош кога се соочуваат со насилство – појасни Менче Николова, програмска раководителка во Организацијата на жени.
Она што особено радува, рече таа, е активното учество на младите.
-Тие не беа само учесници на едукативните активности, туку и креатори на пораки, промотори на кампањата и активни застапници за училишта без насилство. Со денешната манифестација сакаме да ги претставиме постигнатите резултати, но и да испратиме јасна порака дека спречувањето на врсничкото насилство е заедничка одговорност на учениците, наставниците, родителите и институциите. Нашата заложба е воспоставените механизми за поддршка да продолжат да функционираат и по завршувањето на проектот. Ниту едно дете не треба да се чувствува само кога се соочува со насилство. Заедно можеме да градиме училишта во кои секој ученик ќе биде безбеден, почитуван и слушнат -истакна Николова.
Сите присутни имаа можност активно да дебатираат во рамките на настанот. Во панел дискусија, младите споделија свои видувања за проблемот и размислувања како тој може да се надмине. Притоа беа споделени и интересни предлози, меѓу кои и тој на еден средношколец, насилните ученици да не поминуваат само со укор, туку да се воведе и општокорисна работа за нив. Како на пример, да учествуваат во обезбедувањето хигиенски услови на училишните простории или школскиот двор.
-Секој од нас треба цврсто да застане против насилството. Затоа што животот е тркало и токму поради тоа, секој од нас може да стане жртва на насилство, во било кој дел од својот живот, нагласи една од средношколките.




