Вечерва, од 20 часот на големата сцена на Драмскиот театар Скопје ќе биде прикажана претставата „Умри машки“ на Камерен театар 55 од Сараево во рамки на Фестивалот РУТА (Регионална унија на театари).

Како што најавуваат од Драмски театар, претставата има над 550 изведби и повеќе од три и пол децении пред полни сали.

„Умри машки“ на Камерен театар 55 од Сараево, култната комедија што од дипломска претстава во 1990 година прерасна во најизведуваната босанскохерцеговска претстава на сите времиња. Ева, Марио и Бруно се заглавени во љубовен триаголник во кој ништо не е едноставно, а комичните пресврти и забуни повеќе од 35 години ја враќаат публиката во салата.

На сцената се три имиња што не бараат многу претставување. Татјана Шојиќ, која телевизиската публика ја памети како Марија Мрвица од „Луд, збунет, нормален“, ја игра Ева; Адмир Гламочак, познат од сериите „Виза за во иднина“, „Луд, збунет, нормален“ и „На работ од паметот“, е Бруно и ја потпишува режијата. Како Марио настапува Ермин Браво, со филмски улоги во „Римејк“, „Грбавица“ и „На пат“, но и во „Во земјата на крв и мед“, режисерското деби на Анџелина Џоли, како и во „Quo Vadis, Aida?“, филмот номиниран за Оскар за најдобар меѓународен филм.