Малите и средните претпријатија (МСП) се уште многу малку учествуваат во извозната структура на земјава.
Соработката со странство главно ја реализираат во ИТ секторот, но не и во сегментите кои подразбираат увоз на суровина и репроматеријали, за потоа да се пресмета некаква додадена вредност.
– Само пет отсто од македонските компании извезуваат. Притоа доминираат големите претпријатија. Кај малите и средните оваа бројка е уште помала, а мал е и нивниот удел, рече денеска на прес-конференција во Стопанската комора, професорот Виктор Стојмановски.
Стојмановски, кој е и координатор на Европската мрежа на мали и средни претпријатија (ЕЕН) за земјава, истакна дека сите, околу 3.000 домашни МСП ги добиваат услугите, а целта е промоција надвор, интернационализација на дејноста и изнаоѓање бизнис партнери.
– Досега преку ЕЕН која функционира 11 години во 60 земји, се склучени 7.000 деловни партнерства, 44 проценти од фирмите го зголемиле својот обрт, 40 отсто почнале нов бизнис, речиси 50 проценти развиле нов производ, услуга или имплементирале новина во работењето, тројца од четворица клиенти успеале да излезат на нови пазари, а секој четврти дошол до нов бизнис соработник, потенцира професорот.
ЕЕН овозможила и 2.400 компании да аплицираат за средства од европските фондови.
– Соработката на МСП и ЕЕН треба да се интензивира за уште поголеми придобивки, не само на претпријатијата, туку и генерално, на домашната економија, подвлече Стојмановски.