Бизнисмените од туристичката дејност бараат побрзо донесување на измените на Законот за туристичка дејност со кои се надеваат дека ќе се стави ред во туристичката дејност и на граѓаните ќе им се нудат сигурни патувања.

Се надеваат дека до летово ќе имаат законско решение кое ќе биде во интерес и на граѓаните и на туристичките агенции и тур оператори.

Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција изразија задоволство што најголем дел од предлозите од туристичката фела се прифатени и вградени во законот. Останува да се допрецизира дали ќе се оди со опцијата банкарска гаранција или осигурување на аранжманот.

– Банкарската гаранција е многу важна за да може да ги заштитиме патниците во случај доколку се случи нешто, тие да се вратат безбедно назад. Некои од предлагачите предлагаат да се осигура аранжманот и во тој случај ако се случи нешто, сите одговорности ги презема осигурителната компанија. Во овој момент не знаеме што ќе се избере, но во секој случај ова е позитивна работа за сите патници кои патуваат надвор да бидат безбедни, истакна заменик-претседателот на Здружението, Славе Сирачески.

За туристичката фела важно е и условите за патување да бидат третирани со подзаконски акт, а не како што е досега во рамки на законот.

– Ако немаме дефинирани општи услови на патување кои ќе соодвествуваат со условите за патување што се договорени во светски рамки, оставаме простор многу често да има основ за покренување на претставки или казни за кои реално агенциите или организаторите на патувањето не се виновни бидејќи условите за патување се ставени во закон, а измената на закон е процедура што трае подолго време. Затоа и за нас е многу значајно овие општи услови да бидат третирани со подзаконски акт кој ќе биде во надлежност на министерот и ќе се менуваат многу побрзо, истакна Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Со законските измени се разгранучуваат две категории – тур оператори кои се организатори на патувањето и туристички агенции кои ги продаваат аранжманите. Новина е и тоа што лиценцата за работа ќе се издава за две или три години, а не како досега без ограничување.

Од Стопанската комора на Македонија најавуваат дека ќе бараат и регулирање на организирањето на екскурзиите во основните и средните училишта согласно Законот за туризам.

Во првите четири месеци од годинава имало 232.530 туристи. Вкупниот број на туристи е зголемен за 2,4 отсто, но овој процент е помал во однос на истиот период лани. Бројот на странски туристи е пораснат само за еден процент, а бројот на домашни туристи за 5,4 проценти. Кај странските туристи доминираат оние од земјите со кои нашата држава има традиционално соработка во делот на туризмот како што се Турција, Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Германија, Словенија, Хрватска и азиските земји.