Претставниците на приватното здравство денеска во Стопанската комора на Македонија побараа еднаков третман со јавното здравство.
Тие бараат обезбедување еднаков третман при инвестирање, уредување, опремување и едукација на здравствениот кадар во јавните и приватните здравствени установи кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Исто така бараат можност за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗОМ во економските програми за финансиска поддршка, како и понепосредна и подинамична имплементација на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.
Овие барања денеска на прес-конференција ги презентираше д-р Борислав Јосифовски, член на Управниот одбор и претставник на приватните здравствени установи во Сојузот на стопански комори на Македонија, а кои, како што посочи, ќе го подобрат работењето на приватните здравствени установи. Според него, се што има во јавното здравство треба да се преслика во приватното здравство, во кое треба да се воведе и системот за електронски евиденции во здравството „Мој термин“.
Истакна дека за зголемување на квалитетот на здравствените услуги потребно е покрај останатите сектори да се поддржи и развојот на приватното здравство.
– И покрај тоа што ПЗУ и ЈЗУ се еднакви пред законот, сепак досегашното искуство за кое и јавноста е сведок говори дека инвестициите во здраството во изминатите 25 години, а кои се на товар на буџетот на Република Македонија или ФЗОМ се исклучиво наменети за јавниот сектор, рече Јосифовски.
Потребно е, нагласи, сериозно да се разгледа можноста за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗОМ во економските програми за финансиска поддршка.
– Во понудениот план за економски раст не е опфатен здравствениот сектор кој како и останатите стопански гранки генерира средства во буџетот. Треба да бидат препознаени и вклучени во мерките на Планот за економски раст и здраствените установи во кои доминантно се даваат услуги на странски државјани, што би значело поттик во имплементацијата на нови медицински доктрини и технологии како и во подигањето на нивото на здраствени услуги и на домашен план, потенцира Јосифовски.