Американската новинска агенција Асошиејтед прес пренесе од Скопје дека во Македонија се одржува пресуден референдум на кој граѓаните одлучуваат дали да одобрат географска одредница за името на државата со што се менува името во „Северна Македонија“ и се прекинува долгогодишниот спор со Грција.
Агенцијата обајви изјава на премиерот на Македонија, Зоран Заев кој од Струмица повика граѓаните да излезат на гласање.
Спорот со Грција е од раните 1990-ти, кога Македонија прогласи независност од Југославија.
Грција тврдеше дека употребата на името имплицира територијални амбиции на сопствената покраина со исто име и ги блокира напорите на земјата за влез во НАТО, наведува агенцијата во извештаите од Скопје.
Македонците гласаат за промена на името на нивната земја во Република Северна Македонија, за да се отвори патот за членство во НАТО и ЕУ, и да се реши спорот околу името со Грција, наведува во извештај Ројтерс.
Анкетите покажуваат дека големо мнозинство од оние што гласаат најверојатно ќе ја поддржат промената, но постигнувањето на бараниот одѕив може да биде тешко, наведува таа агенција.
Германската новинска агенција ДПА објавува изјава на премиерот Заев и нагласува дека референдумот е клучен чекор да се поништат блокадите на Атина на патот на државата кон членство во НАТО и Европската унија.