Во ТИРЗ Кичево следната година стартува инвестицијата на „Avesta Battery and Energy Engineering“ (ABEE) во изградба на фабрика за електрични батерии за автомобили.
Договорот за инвестицијата во вкупна вредност од 40 милиони евра со која ќе бидат отворени 600 работни места, го потпишаа денеска министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, јави известувачот на МИА од Брисел.
Инвестицијата во првата фаза ќе изнесува 10 милиони евра, со вработување на 200 лица. Просечната бруто плата ќе изнесува 1500 евра. Плановите на инвеститорот се фабриката да биде оперативна во 2025 година.
Инвестицијата, посочи Деспотовски, има голема додадена вредност.
-Се очекува државната помош што ќе и се даде на компанијата да се врати за четир-пет години само по основ на придонеси, рече Деспотовски.
Како што соопшти министерот Бектеши, за инвестицијата е избрана Општина Кичево затоа што во овој дел има висококвалификуван кадар од ТЕЦ Осломеј кој ќе е транформира во гасна централа.
Бектеши и Деспотовски се дел од делегацијата што во Брисел ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски, кој денеска заедно со нив ќе присуствува на бизнис форум во Антверпен каде пред белгиски компании ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Македонија. Покрај ова, утре во Брисел ќе се одржи уште еден бизнис форум.
Како што е веќе познато, пред една година на голема владина церемонија во Тетово беше означен почетокот на изградба на фабрика за електрични автомобили. До денес од оваа инвестиција не е направено ништо повеќе од церемонијата со која истата беше објавена, а на која присуствуваше речиси целата Влада на Димитар Ковачевски и Али Ахмети.