Министерката за одбрана Славјанка Петровска која е веќе во САД, денеска ја почнува работната посета, а од Токио се очекува да допатува и министерот за надворешни работи Бујар Османи на првиот стратешкиот дијалог со САД. Османи е во посета на Јапонија со цел да привлече јапонски инвестиции во Македонија.

Министерката Петровска објави видео за нејзината посета на САД кое може да го отворите ТУКА. Таа од денеска ја почнува работната посета на Соединетите Американски Држави. За време на посетата, Петровска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана, задолжен за политички прашања Колин Кал, а ќе има средби и со помошничката на секретарот за одбрана Селесте Валандер, командантот на Националната гарда на САД, генералот Даниел Хокансон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и секретарот на Копнената војска на САД, Кристин Вормунт.

Како што информира Министерството за одбрана, за време на работната посета на САД, министерката Петровска ќе има средба и со помошничката на државниот секретар и шеф на Бирото за воено-политички работи, Џесика Луис, во Стејт Департментот.

Со соговорниците ќе гразговараме за транслатлантското партнерство, промовирањето на евро-атлантските вредности, актуелните геополитички случувања и безбедносни закани, но ќе стане збор и за проектите за модернизацијата на Армијата кои ги реализираме со значајна американска помош и американска опрема од најновата генерација, порача Петровска од Вашингтон.

Агендата на министерката Петровска предвидува и учество на првиот стратешки дијалог помеѓу Македонија и САД каде ќе биде дел од Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во чиј состав ќе бидат и министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска.

-Преку одржувањето на стратешкиот дијалог, Се. Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на меѓусебните релации, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, нагласи Петровска.

Програмата на посетата на Петровска, исто така, предвидува и средби во Белата куќа, во Националниот Совет за Безбедност, како и средби со високи официјални претставници на НДИ и ИРИ. Петровска на овие средби ќе биде заедно со останатите министри во Владата на Македонија, кои ќе бидат дел од стратешкиот дијалог помеѓу нашата земја и САД .

Агендата на Петровска вклучува и посета на Пенсилванија и средба со проректорот на Воениот Колеџ, Џејмс Брекенриџ, како и со офицерите на АРМ кои се во моментов на школување во оваа престижна военообразовна институција во САД.

Министерката Петровска ќе се сретне и со директорот на Агенцијата за безбедносна соработка, Џејмс Хрш, ќе положи венец на Гробот на непознатиот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон“, а ќе има и заедничко интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, со заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.

Османи лета од Токио за Вашингтон

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на работната посета на Јапонија, оствари одвоени средби со спикерот на Домот на претставници Хиројуки Хосода и претседателката на Домот на советници Санто Акико.

Како што информира МНР, на средбите соговорниците се осврнаа на односите меѓу Македонија и Јапонија, при што акцентот беше ставен на меѓу парламентарната соработка. Беше констатирано дека постои голем потенцијал за продлабочување на врските меѓу двата законодавни дома, особено преку постоечките пратенички групи за соработка во двете земји.

На средбите, како што се наведува, стана збор и за економската соработка меѓу двете земји и можностите за унапредување на бизнис релациите, особено во делот на привлекување јапонски инвестициите.

 

Претседателите и на двата дома изразија силна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија, што претставува значаен предуслов за напредокот на земјата, но и за севкупната стабилност на Западниот Балкан.

Соговорниците разменија мислења и за актуелната безбедносна состојба по руската инвазија во Украина, како и нејзиното влијание врз стабилноста во Европа и Индо – Пацификот.