Локализиран е големиот пожар што вчера зафати фабрика за градежни материјали во Тетово и во чие локализирање учествуваа 150 пожарникари.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов за ТВ Сител изјави дека е задоволен поради тоа што никој не го загубил животот во овој пожар.

– Задоволни сме што немаше ниту еден загинат граѓанин, ниту еден загинат пожарникар, ниту еден сериозно повреден пожарникар, со исклучок на неколкумина кои беа пренесени во болница поради вдишување на гасови, рече Ангелов.

Пожарот предизвика големо загадување во Тетово, поради што вчера граѓаните беа предупредени од општинските и државните надлежни служби без поголема потреба да не излегуваат од своите домови.