Почнувајќи од утре, Париз воведува највисок степен на мерки за спречување на ширење на коронавирусот, што значи дека во следните две недели се затвораат сите барови, а рестораните ќе мора да спроведат нови заштитни мерки за да останат отворени, соопшти канцеларијата на францускиот премиер Жан Кастес.
Кабинетот на Кастекс соопшти дека на подрачјето на Париз не е забележан никаков напредок откако минатата недела во него беа прифатени сите три владини критериуми за воведување на највисок степен на мерки за спречување на ширење на коронавирусот.
Работата од дома во подрачјето на Париз сега мора да биде на прво место „повеќе од кога било порано“, а универзитетските предавални и аули не смеат да се пополнуваат со повеќе од половината капацитет, соопшти канцеларијата на францускиот премиер.
„Овие мерки, неопходни за борба против ширењето на вирусот, ќе се применуваат две недели во подрачјето на Париз и три департмани што го опкружуваат“, се додава во соопштението.
За во градот да се спроведе највисокиот степен на мерки за спречување на ширењето на инфекцијата, бројот на новоинфицирани мора да биде поголем од 250 на 100.000 жители и 100 на 100.000 кај постарата популација, додека најмалку 30 проценти од креветите за интензивна нега да се резервирани за пациенти со коронавирус. Тоа значи дека моменталните бројки во градот се и полоши.
Пред една недела, на 14 дена беа затворени и рестораните и баровите во Марсеј, град на југот на Франција, во кој дојде до жариште на ширењето на вториот бран од заразата, предизвикувајќи протести и неуспешен обид за правна битка.
Франција вчера регистрира 12.565 нови инфекции со коронавирус.