Kравата со име Пенка, која од Бугарија влегла во Србија е осудена на смрт бидејќи ја преминала границата на Европската унија, пишува Франс 24.

Црвената крава Пенка, како што пишува хрватски „Јутарњи лист“, која требало да се отели за отприлика три месеци на 12 мај се одвоила од стадото кое било во близина на бугарското село Копиловци, па ја преминала границата во Србија.

Српските ветеринари ја прегледале кравата и заклучиле дека е здрава, па му ја вратиле на сопственикот во Бугарија, Иван Харалампиев. Но, бугарските власти велат дека кравата мора да се еутанизира поради строгите прописи на ЕУ.

Харалампиев минатата недела на ТВ БНТ молел неговата крава Пенка да биде спасена.

– Ќе ја еутанизираат бидејќи ја напуштила Европската унија и сега не може да ми биде вратена. Ветеринарот дојде и рече дека кравата веднаш мора да биде заклана, изјави Харалампиев.

Тој исто така праша како е можно кравата да ја премине границата без никој да ја запре.

Ветеринарот Љубомир Љубомиров рекол дека за судбината на Пенка не одлучува тој, туку Брисел, па затоа тој не може да ја спаси од еутаназија.