Под мотото „Струмица и Струмичко против рудникот на смртта“ денеска во Струмица се одржа протестен марш против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Учесниците на маршот тврдат дека нема да дозволат отворање на рудник бидејќи тоа ќе влијае на нарушување на целокупната еко рамнотежа во Струмичкиот регион.

– Се собравме денес да го искажаме нашиот револт пртив отворањето на овој рудник. Нема да дозволиме да се отвори рудник, рече Мите Белмезов, учесник на протестот.

Костадин Ристоманов од Здружението „Здрава котлина“, организатор на протестниот марш, изјави дека се тука за да ја охрабрат Владата да донесе одлука за раскинување на договорот со концесионерот.

– Јас се надевам дека Владата ќе постапи како што очекуваат сите граѓани, рече Ристоманов.

На протестот учествуваше и претседателката на партијата ДОМ, Лилјана Поповска.

– Треба да се затвори рудникот бидејќи не може да се гради рудник во плодните струмички полиња. И не треба да се манупилира со фактот дека рудникот може да се отвори оти немало да користи цијанид. Но, и да нема цијанид сепак тоа е рудник. Тоа е тешка загадувачка индустрија. Дали после тоа некој ќе сака да купува струмички домати во кои ќе има тешки метали, рече Поповска.

Протестниот марш, кој се одвиваше по улиците на Струмица, протече мирно и без инциденти, а заврши пред седиштето на концесионерот на Рудникот „Иловица-Штука“, компанијата Еуромакс ресоурсис“.

По завршувањето на протестниот марш со реакција се огласија од компанијата „Еуромакс ресоурсис“. Оттаму велат дека Рудникот за бакар и злато е целосно безбеден за животната средина и здравјето на граѓаните и е пример за одговорно и модерно рударство.

„Имајќи ја предвид загриженоста на заедницата, одлучивме да не користиме цијанид во постапката, иако оваа постапка е целосно безбедна, а нема да се користи ни сулфурна киселина. Ќе користиме само процес на флотација, кој веќе се користи во Македонија и е целосно безбеден процес“,велат од „Еуромакс ресоурсис“.