За неполна недела во Струмица регистрирани се стотина нови случаи на коронавирус, со што оваа општина стана ново жариште во земјава, се вели во прилогот на ТВ 24.

Секојдневно се бележат двоцифрени бројки, а вчера беа регистрирани рекордни 44 позитивни. Според последните епидемиолошки анализи, новозаболени се повозрасни струмичани како резултат на инфицираните млади кои ги заразиле домашните, вели ТВ 24.

Според директорот на Центарот за јавно здравје, мапирани се претежно мини-фамилијарни кластери.

Во Струмица на Инфективното одделение и новоадаптираниот ковид-центар во поранешните хируршки амбуланти во болницата нема места за прием на нови пациенти. Таму се лекуваат околу 40-тина лица претежно со лесна клиничка слика.

Струмичката болница бара дополнителен простор кој ќе ги исполнува условите за лекување на ковид пациентите.

Од почетокот на епидемијата, во Струмица се заразиле околу 400 лица, 14 починале како резултат на компликации од вирусот. Во моментов Струмица има околу 240 активни случаи на Ковид-19 и претставува втор град во земјава со најмногу заболени од вирусот.