МОН преку својата континуирана негрижа за студентите и почитување на законските рокови ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права, велат од Младинското движење Студентски отпор.
-Веќе влегуваме во третиот месец од новата година а МОН нема ниту едно ветување исполнето односно:
Постојано се доцни со исплата на Субвенциониран студентски оброк. Според законот МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за Јануари.
Студентите кои се прв пат прифатени за стипендија немаат видено ниту денар, иако минатата година со исплата се почна во месец Ноември, а сега завлегуваме во месец Март.
Континуирано се доцни со исплата на стипендии за студентите кои ја продолжуваат стипендијата – слична ситуација како со субвенционираниот студентски оброк.
Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023та година се’ уште не е започната и нема никаков рок кога би требало да заврши, од МОН велат 2025та, можеби во исто време со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ.
Преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно и нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата од неверојатни 140 денари на дневно ниво, иако моменталниот начин на исплата на средства е на сила до 15 март.
Најнова информација од МОН е дека до 15 март сите средства ќе бидат исплатени и сите сметки подмирени. Сакаме да веруваме дека е тоа така, иако согласно на досегашното искуство не можеме да бидеме оптимисти и да им веруваме на збор.
Како што гледаме МОН се дрзна и овој самопоставен рок од 15 март да го запостави, па во таа насока најавуваме протести и блокади на цело Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш туку секојдневна блокада на сите булевари во главниот град, додаваат од Младинското движење Студентски отпор.