ДУИ ги продолжи средбите со граѓаните со два тима на терен. Од едната страна е Артан Груби со  Бујар Османи а од другата страна Изет Меџити со Блерим Беџети. Греота е од Бога да му го направите ова на Али Ахмети, изјави Груби пред граѓаните на Чаир во Албанскиот театар.

„Сега кога сме во највисокото ниво на владеење на единство на Албанците, аздисуваме, велиме тргнете го тој ставете друг, греота е од Бога се колнам. Греота е за секој од нас, да не зборуваме за Али Ахмети. Кога Али Ахмети сакал функција, кога тој посакал да стане претседател на Собранието, Премиер или Претседател на државата“, вели Артан Груби.

Груби дури рече дека на интегративците им треба единство и дека подава рака за помирување.

„Од оваа говорница велам, на нас ни е потребно единство, потребно ни е помирување, треба да стоиме зад Али Ахмети и нашата рака останува подадена за смирување“, додава Артан Груби.

Но „Огнената група“ не запира. Тие ги почнаа средбите со тетовци, од каде велат дека не сакаат да има раздор во ДУИ, туку сакат нивната партија да се врати на корените.

„Вечерва од жителите на Требош добивме порака дека тие и Полог се категорично против Артан Груби и оваа неуспешна извршна власт“, вели Изет Меџити.

„Вечерва се сретнавме со жителите на населба Цетинска во Тетово каде разговаравме за настанатата ситуација во ДУИ, од апсолутната пасивност на извршната власт раководена од неуспешниот вицепремиер Артан Груби“, порача Блерим Беџети.

Огнената група ја најави следната средба со граѓаните во четврток на 16 март во Тетово во средното текстилно училиште.