Студентски отпор најавува масовна мобилизација на студентите, а не исклучуваат ни протести, како што велат во нивната објава на Фејсбук.
Тие, како што објави порталот Република, велат дека како и секоја академска година, така и оваа 2023/24 студентите повторно се соочуваат со истите проблеми од претходните години.
Годинава, месечната кирија во студентските домови се зголеми на 3.945 денари, трошоците за амортизација на 700 денари, за испринтани 4 листови А4 формат при вселување студентите плаќаат 500 денари, а 300 денари за фиктивната картичка за јадење која не се користи воопшто, велат студентите.
Еден од најголемите скандали пред почетокот на академската година е тоа што на студентите во студентските домови им е укинат и појадокот. Наместо да добијат зголемување на сумата на ССО, МОН им скратува појадок и им ја зголемува киријата за 30 отсто, реагираат тие.
Исто така, во однос на субвенционираниот студентски оброк (ССО) на само две недели пред почетокот на новата академска година се уште немаме информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства за ССО.
Студентски отпор будно ги следи проблемите и најавува масовна мобилизација на сите студенти и жестока реакција за студентските проблеми кои секоја година се полоши и полоши. Протести и демонстрации се една од опциите, велат од Студентски отпор.