Во светот има околу 7.000 признати јазици, но многу од нив наскоро може засекогаш да исчезнат, пишува ДПА.
Според една студија од Австралија, околу половина од сите јазици се загрозени, а 1.500 би можеле да исчезнат до крајот на векот.
– Без интервенција, губењето на јазиците може да се зголеми тројно во рок од 40 години, со губење на најмалку еден јазик месечно, пишуваат авторите. Тие советуваат создавање на наставни програми кои го поддржуваат двојазичното образование и промовираат владеење на локалниот јазик и употреба на регионално доминантни јазици.
Анализирани се 51 независни варијабли, вклучувајќи ја образовната политика, социо-економските показатели и еколошките карактеристики.
Истражувањето, предводено од Австралискиот национален универзитет, исто така, откри неочекувани и изненадувачки причини за јазичната закана, истакна коавторот Линдел Бромам.
Контактот со други локални јазици, од друга страна, не е проблем: всушност, јазиците кои доаѓаат во контакт со многу други локални јазици се помалку загрозени.
– Кога некој јазик ќе се изгуби или “заспива“, како што велиме за јазиците кои повеќе не се зборуваат, губиме многу од нашата човечка културна разновидност. Секој јазик е брилијантен на свој начин, нагласи Бромам.
Многу од јазиците кои се очекува да исчезнат во овој век се во активна употреба и денес, истакна експертот.
– Значи, сè уште има шанса да се инвестира во поддршка на заедниците за ревитализација на локалните јазици и да се задржат силни за идните генерации, рече тој, мислејќи на претстојната Декада на локални јазици на УНЕСКО (2022-32).
Со иницијативата, Обединетите нации се обидуваат да ја заштитат јазичната разновидност низ светот и да ги зајакнат правата на луѓето од јазичните малцинства.