Во Виена во тек е традиционалниот Новогодишен концерт пред многу помалку публика, а не присуствува ниту австрискиот канцелар Карл Нехамер.

– Оваа тешка ситуација поради пандемијата бара многу од сите нас, па мислам дека моето доаѓање ќе испрати погрешен сигнал, напиша Нехамер на Фејсбук во четвртокот, додавајќи дека концертот ќе го следи на телевизија.

И покрај помалиот број луѓе кои ќе го слушаат концертот во живо, диригентот Даниел Баренбоим пред настанот рече дека е среќен што настанот нема да се одржи пред празен аудиториум. Тој рече дека сака да ги потсети луѓето на важноста на музиката.

– Се надевам дека тоа ќе инспирира некои политичари ширум светот навистина да размислуваат за важноста на духовната потреба на населението за музика, рече тој во средата.

Маестрото, кој има 79 години, по трет пат диригира со Виенската филхармонија, по концертите во 2009 и 2014 година. Концертот се емитува во 92 земји.

Минатата година диригент беше Рикардо Мути, а Филхармонијата изведуваше полки и валцери пред празна сала.

Бројот на гледачи годинава е ограничен на илјада луѓе во последен момент, поради што 700 кои имаат билет нема да можат да го слушаат концертот. За нив ќе биде резервирано место за настапот следната година.

Според најновите правила во Австрија, на настани со повеќе од илјада гости можат да присуствуваат само оние кои примиле „бустер“ доза од вакцината.