Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери.

ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осумина граѓани на Република Македонија од 2020 година. Одлуката на Судот е достапна на следниот линк.

Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.

Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите.

Владата на  Македонија ја поздравува денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.-Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на шест случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа РС Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите  се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови, се наведува во соопштението од владината прес-служба.. Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети.Воедно, Владата посочува дека во рамките на своите надлежности обезбедува поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем.

-Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси, се додава во соопштението.Од Владата информираат дека официјален превод на сижето од одлуката ќе биде доставено до јавноста во форма на соопштение од страна на Бирото за застапување на Македонија пред ЕСЧП, а ќе биде и прикачено на веб страницата на Владата во најбрз можен рок.