Суданските вооружени сили го уапсија премиерот Абдала Хамдок, група министри, како и лидерите на неколку сојузни држави и политички партии, јави утринава телевизијата „Ал Хадат“, повикувајќи се на неименувани извори.

Вооружените сили влегле и во куќата на советникот за медиуми на премиерот и го уапсиле, изјавија за британските медиуми  извори од неговото семејство.

Војската се уште не ја коментираше информацијата.

Суданската телевизија се емитува нормално, а извори за британските медиуми изјавиле дека се чини дека интернетот не е достапен во главниот град.

Ситуацијата во Судан е напната по неуспешниот обид за државен удар во септември и жестоките обвинувања меѓу војската и политичките тела кои треба да ја делат власта по соборувањето на поранешниот лидер Омар ал Башир во 2019 година.

Башир е затворен, а воените и политичките тела треба заеднички да управуваат со земјата до изборите во 2023 година.

Тензиите ескалираа во текот на овој месец, откако коалицијата на бунтовнички групи и политички партии ги здружија силите со војската, а приврзаниците на армијата организираа протести пред претседателската палата, барајќи распуштање на цивилните власти.

Неколку министри минатата недела учествуваа на големите протести во Картум и другите судански градови против можноста војската да ја преземе власта.

Британските медиуми забележуваат дека воениот лидер на Државниот совет постојано изјавуваше дека ќе го поддржи трансферот на власта.

2021-10