Воени и владини претставници денеска соопштија дека е постигнат договор меѓу суданските воени и цивилни власти за враќање на премиерот Абдала Хамдок на функцијата.

Официјални лица денеска соопштија и дека државните функционери и политичарите уапсени по воениот удар на 25 октомври ќе бидат ослободени како дел од договорот меѓу војската и политичките партии, вклучително и најголемата партија Ума.

Хамдок ќе предводи независен технократски кабинет, изјавија официјални лица, додавајќи дека ОН, Соединетите Американски Држави и други одиграа клучна улога во постигнувањето договор.

Воениот удар, повеќе од две години откако народното востание доведе до заминување на долгогодишниот автократ Омар ал-Башир и неговата исламистичка влада, наиде на критики од целиот свет. САД, нивните сојузници и Обединетите нации ја осудија прекумерната употреба на сила над демонстрантите против воениот удар.

Националната иницијатива формирана по пучот, во која има политички партии и јавни личности, најави дека Хамдок ќе биде вратен на функцијата и дека ќе формира технократска влада. Како што се наведува, договорот ќе биде потпишан подоцна денеска, а потоа ќе биде објавена политичката декларација.