Со бомбите од типот „во петок градоначалникот Жерновски да изеде неколку шамари“ се уште се забавува народот на кого сегашнава власт, додека беше опозиција, му вети дека криминалот ќе биде расчистен и дека на граѓаните ќе им бидат вратени парите од „криминалите на Груевски“ до последен денар.
Но, бројчаникот што е монтиран на порта Македонија да регистрира колку пари им се вратени на граѓаните од „криминалите на Груевски“, и натаму стои на нула, а народот се забавува со „криминалните шлаканици од Груевски за Жерновски“, кои никогаш и не се случиле.
Така е и денешното судењето за „насилствата пред општина Центар“. Тоа продолжува на 6 февруари, откако на денешното рочиште беа изведени материјални докази предложени од Специјалното јавно обвинителство.
На почетокот на судењето одбраната побара судот да не ги прифати доказите оти поголем дел од нив биле без архивски број и заверени.
Судот предложи да се продолжи со рочиштето, а одбраната на следното судење да поднесе приговор.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски презентираше и два аудио разговори. Во една од “бомбите” во разговор од 1 јуни 2013 година меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски се слушна како поранешниот премиер му кажува на Јанакиески „во петок градоначалникот Жерновски да изеде неколку шамари“ на што Јанакиески му вика дека може да се изведе тоа и дека ќе организира протест.
Во другата снимка од 13 октомври 2013 година меѓу Орце Камчев и Миле Јанакиески, Камчев се интересира за состојбата со ДУП-овите во општината.
За насилствата пред општинската зграда во општина Центар на 10 јуни 2013 година, обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и тогашниот советник во општина Гази Баба, Александар Трајковски и уште осум други лица.
Тие се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година. Во досегашното судење за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.
Гулашот на Јанакиевски
Во забавата за јавноста учествуваат и провладините медиуми со скокотливи пикантерии, кои се „доволно интересни“ за да ги прераскажува публиката и да се одвлекува вниманието од вистинските проблеми.
Така за денешното судење медиумите блиски до власта објавуваат пикантерија од обвинетиот Јанакиески, кој на почетокот од рочиште се пошегувал со исто така обвинетиот Трајковски, за кој неодамна се појавија фотографии со експремиерот Груевски во Будимпешта.
„Јадеше гулаш, а?”, му рекол Јанакиески на Трајковски, што предизвикало смеа во чекалницата.
„Јадев бе, зошто да не јадам. Има, дана за мегдана”, му одговорил Трајковски.
Против Трајковски беше покрената дисциплинска постапка во Царинската управа каде е вработен, по што тој беше прераспределен на друго работно место.